Објавени податоците од пописот: Од вкупно попишаните Македонци се 54,25 отсто, Албанци 29,52 отсто

Со Пописот се попишани вкупно 2.097.319 лица, од кои 1.836.713 се резидентно население, а 260.606 лица се нерезидентно население. Во Македонија, односно од резидентното население, како Македонци се изјасниле 58,44 отсто од граѓаните, а како Албанци 24,3 отсто, додека процентот од вкупното население, заедно со дијаспората, изнесува – 54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци. За 7,2 отсто, односно за 132.260 граѓани не е запишана националноста бидејќи се попишани од административни извори.
Податоците покажуваат дека од вкупно попишаните лица 54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,44 отсто се Власи, информираше директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Од резидентното население како Македонци се изјасниле 58,44 отсто од граѓаните, 24,3 се Албанци, 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 1,3 Срби, 0,47 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци.
Од нерезидентното население, пак, што значи македонски граѓани кои надвор од државата повеќе од 12 месеци и странци кои се во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 отсто рекле дека се Македонци, а 66,36 Албанци, 4,79 се изјасниле како Турци, 1,02 Роми 0,19 Власи, а 0,35 Срби.
Директорот Симовски рече дека се попишани над 598 илјади домаќинства, а просечното домаќинство брои 3,06 членови. Најмала општина е Зрновци, а најголема Куманово. Густината на населеност на 1 км2 во Македонија изнесува 72,2 луѓе.
Toj прецизираше дека со пописот во земјава се попишани вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
На 1.000 жени има 984,3 мажи, што значи дека жените се побројни.
„Од опфатените објекти за живеење, 91 % беа предмет на попис; 9 % се објекти кои не беа предмет на попис. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои и тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите кои ќе се користат при обработката на податоците, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата“, рече Симовски.
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто, а бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
Вкупно 61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик,3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.
Тој на крајот од своето обраќање рече дека податоците ќе се објавуваат сукцесивно, до крајот на годинава, за вкупното резидентно и нерезидентно население и според возраста и вероисповеста, јазикот, бројот на станови по општини, како и за образовните и други карактеристики на населението.
„Горд сум за завршениот попис и резултатите, горд на целиот тим што го изврши пописот и изразувам благодарност до граѓаните што се вклучија во најважната статистичка операција. Продолжуваме да бидеме статистички поддржувачи на процесот на развојот на државата“, рече Симовски.
Илми Селами, заменик директор на Дравниот завод за статистика рече дека изразува надеж дека резултатите од пописот ќе бидат прифатени затоа што се многу значајни за развојот на државата и за креирање на идните политики на државата.
Данило Доленц, меѓународен експерт од Словенија, кој за цело време беше вклучен во пописниот процес, позитивно се изјасни за завршената работа.
„Пописот беше спроведен според меѓународните стандарди, во тоа нема сомнеж и резултатите треба да се сметаат за валидни и сигурни и како такви трба да се користат за развој на државата. Овој комбиниран попис според методата, беше сличен со пописот во 2011 година спроведен во Словенија, базиран и на регистри, но сепак овој ваш попис е технички понапреден. Сакам да им честитам на сите што беа дел од пописот, почнувајќи од директорот Симовски и заменикот директор Селами, сѐ до тимовите кои го извршуваа пописот, како и до граѓаните“, рече Доленц.
Извор: МКД.мк
Comments
This post currently has no comments.