menu Home chevron_right
MakedonijaPRODUKCIJA MOSTRadio Most-Радио МостНовости-Novosti

Прва монографија за еден македонски бенд – Промовирана „Мизар Откровенија 1981 – 2021“

Radio Most | March 28, 2022

Монографијата „Мизар откровенија 1981 – 2021“, четвртото капитално дело на публицистот и рок-хроничар Тошо Филиповски беше промовирана синоќа во кафе барот „Глуво куче“ во Скопје, со масовна дружба на дел од членовите на бендот од различни периоди на неговото четиридецениско постоење со вљубениците на нивната музика, колеги музичари од други рок-состави, јавни личности. За време на повеќечасовната дружба беа преслушани повеќето песни на Мизар, како и две, би можело да се каже, премиерно кога станува збор за јавен собир, „Стој“ од 1986 година и гаражната – демо снимка на „Исус“ од 1982 година.

За монографијата „Мизар откровенија 1081 – 2021“ говореше Панта Џамбазоски, еден од основачите на овој рок состав и тапанар во првите две откровенија на Мизар.

На почетокот тој направи мала шега велејќи дека е невообичаено некој (Тошо) што создал капитално дело, во кое вложил многу труд, време и истражувачка работа, да покани еден тапанар за промотор на книгата.

„Но Тошо, да знаеш, твојава книга воопшто не е тапанарска, туку е многу квалитетна и значајна за македонската рок – историја“, рече Џамбазоски.

Тој рече дека е голема чест за сите кои биле дел од приказната за Мизар, што здогледаа вакво дело, монографија, и тоа е прва монографија за еден македонски рок бенд.

Оценувајќи дека за разлика од повеќето монографии кои се создаваат на идеја на поединци, групи или заедници, кои за таа цел ги даваат потребните материјали и пари за хонорар и печатењето, Џамбазоски рече дека Тошо се зафати со работата чувствувајќи лична и општествена потреба приказната за Мизар која трае 40 години да биде собрана во една книга.

„Тошо се соочи со напорна истражувачка работа. Колку можевме секој од нас, му дадовме материјали. Но, многу материјали се исчезнати, многу спомени се заборавени. Јас лично имав проблем да се сетам на многу детали, а за некои детали ме потсети самиот Тошо врз база на свои љубоморно чувани влезници за концерти, собрани и добиени постери, па и фотографии, како и запишани сеќавања на новинари од цела поранешна Југославија, а и од странство. Тошо контактираше бројни новинари, фоторепортери од сите простори надвор од Македонија, концертни сали, организатори, влијателни луѓе. Правеше мал милион разговори, се допишуваше, а со нас, членовите на Мизар напорно разговараше, понекогаш му ги киневне нервите со нашите загубени сеќавања за настани и случки за кои тој имаше поткрепени информации“, рече првиот тапанар на Мизар.

Тој нагласи дека монографијата за Мизар тежи 333 страници, колку што тежи и неговата Рок енциклопедија, „како што впрочем грамофонот на Тошо ја врти деби лонг – плеј плочата на Мизар со брзина од 33,3. Книгата е исполнета со текст, изјави – сеќавања како на членовите на бендот, така и на новинари, рок критичари, организатори на концерти, познати музичари од Македонија и надвор од Македонија, бројни фотографии, голем број необјавени досега, податоци за сите концерти кои ги одржал Мизар, за сите постави кои свиреле на тие концерти ‘од Вардар до Триглав’, топ листи каде го има Мизар… но и за првпат кога станува збор за еден македонски бенд, создал „фалимијарно“ стебло.

Од Мизар, како што рече Џамбазоски, се изнедриле Инола икс, Кисмет, Архангел, во една меѓу фаза Берлин гори, се родиле или се поврзувале и други бендови, повеќемина членови имале различни други кариери, преминувале во други бендови, создавале авторска музика, реализирале други проекти, некои останале трајно врзани за музиката.

„Тошо уште во првите страници ме растревожи. Напиша дека животот му се променил и фатил друга насока кога во 1986 година на тогашна Телевизија Скопје го гледал првиот спот на Мизар со песната Стој на кој свириме, јас, Горазд, Икаљ, Цобе и пее Стапот. И уште Тошо вели дека тоа кај него предизвикало таков шок, што верува дека овој спот, го направил подобар човек. Тоа негово искрено признание не само што ме погоди, велам ме растревожи, туку многу ми значи. Ми дава за право да верувам дека како и врз него, така и на многу други тогаш млади луѓе сме влијаеле позитивно, да се насочат кон вредности во пристапот кон музиката, да се насочат кон македонските вредности, а не кон комерцијален кич и шунд, ма бил домашен или странски. Конечно, како врз Тошо, дека Мизар влијаел врз многу млади да станат подобри луѓе. Ако е така, тоа е навистина голема работа“, рече Џамбазоски

Тој кажа дека во книгата Филиповски проценува дека Мизар извршил влијание и врз самата Македонија:

„Затоа што Мизар се појавува во едно комплицирано време во осумдесетите години, кога се случуваат политички поместувања во тогашна Југославија, кога се случуваат промени врз кои влијание имаат и десетина тогашни рок состави почнувајќи од првите панк групи и набрзо преку новиот бран. Меѓу нив е Мизар, единствен бенд тогаш од Македонија, но кој пак е така оригинален, како што смета Тошо, што и не може да се дефинира класично ниту во панкот ниту во новиот бран, но дејствува паралелно со нив и врши силно влијание. Влијание и преку јазикот македонски, влијание и преку потпирањето на македонската традиција и историски вредности на Македонија, но и преку бунтовноста и да речам, непокорноста кон тој тогашен систем, по цена и на развојот на кариерата на Мизар.

Тошо ќе рече дека Мизар како да ги забрзал промените во Македонија, дека бил предвесник на промените, а дека со добивањето на независноста на Македонија Мизар како да исчезнал за извесно време, затоа што ја завршил мисијата. Но Мизар и повторно се појавува и повторно има бунт, и повторно има во него македонска традиција, и има се“.

Тој нагласи дека во оваа книга е проткаена приказната за Мизар од нејзиниот почеток во 1981 година во подрумчето на Горазд Чаповски во Козле па до најновото време, од деновите на борба за радио – студиска снимка, кога Мизар беше оневозможуван на различни начини и со различни методи.

„Тие тогашни месеци и години, наспроти пробивањето надвор од Македонија, овде имавме проблеми, тука тие што носеа одлуки се сомневаа во Мизар, се сомневаа дали сме на добра или на погрешна линија, ајде да речеме и дали сме добри музичари или не, но на самата идеја не се гледаше или од таа идеја се стравуваше. Тошо убаво забележува дека Мизар беше бенд кој не направи јазичен компромис. А името? Името Мизар постои и натаму“, рече Џамбазоски.

Тој нагласи дека на Заечарска гитаријада пред неколку години, по прикажувањето на филмот „Мизар – ѕвезда на надежта“, чиј автор е неговиот син Марко, бил запрашан од новинари дали национализам било причината во инсистирањето на бендот да се сними албум целосно на македонски јазик, а не на српскохрватски или на англиски јазик, па одговорил:

„Нема национализам кај Мизар, има патриотизам и вредносен однос кон Македонија и македонскиот јазик, нејзината историја, традиција и култура. Мизар секако е искрен на својот мајчин јазик затоа што тоа сме ние, на тој јазик зборуваме, на тој јазик размислуваме, на тој јазик плачеме, на тој јазик од нас и излегуваат песните“.

На крајот Џамбазоски нагласи дека Мизар постои и твори, не отстапувајќи од тоа што вкупно значи Македонија и рок музика и импровизирајќи со стихови од познати песни рече:

„И денес, како и во оние рани години на Мизар, има бронза, има девојки, има магла, има дожд и сонце кое зајдува, ама сонце кое не умира, градот често е нем, но го поздравуваме светот уште еднаш“. Тој посака и во 2031 година, кога Мизар ќе одбележува 50 години, Горазд Чаповски да организира голем концерт, а тој самиот, тогаш епизодно да се појави во улога на тапанар.

Лидерот на Мизар, Горазд Чаповски, им се заблагодари на сите кои дојдоа во „Глуво куче“ да го испочитуваат бендот, и им одаде почит на членовите на бендот кои прерано заминаа во светлиот пат на ѕвездата Мизар – Сашо Крстевски, Тони Десовски и Димитар Николов – Таки.

Авторот на Монографијата Тошо Филиповски во обраќањето рече дека „Мизар Откровенија 1981-2021″ е неговиот споменик кон еден бенд кој извршил силно влијание како врз неговиот живот, така и врз целото општество.

„Мизар е бенд чие музичко творештво, особено нивното дебитантско дело, е признаено како еден од епохалните музички албуми создадени на просторите на Југославија, на сите времиња. Или, како што нагласи, многумина познати рок критичари од просторите на некогашна Југославија првата плоча на Мизар ја ставаат во десетте најзначајни музички рок – остварувања во некогашната заедничка држава.

„Тоа е бенд кој македонскиот јазик во рок-музиката го извлече од заборавот разбивајќи ги стереотипите за негова неупотребливост во поетиката на една рок-песна. Со сите перформанси што Мизар ги чинат легендарен бенд и со мојата лична опсесија со овој бенд, беше сосема очекувано првата монографија напишана за една македонска рок-група да биде токму монографијата посветена на Мизар“, рече Филиповски.

Тој во своето обраќање потсети на сите предизвици со кои се соочил во собирањето на потребниот материјал за создавање на вакво капитално дело и посака „Мизар откровенија 1981 – 2021“ да биде важно четиво за сите генерации, сегашни и идни.

„Имаме значајни бендови кои заслужуваат да бидат напишани книги и за нив, јас физички во овој период и не можев повеќе да го сторам, имајќи предвид дека зад мене во изминативе години се четири капитални дела, почнувајќи од првата Македонска рок енциклопедија. Но се надевам дека ова е почеток на книгоиздателство во земјава во кое ќе биде пошироко опфатена македонската рок-култура и историја, но и издавањето на финални музички производи“; рече Филиповски.

Извор: МКД.мк

Written by Radio Most

Comments

This post currently has no comments.

Leave a Reply





This area can contain widgets, menus, shortcodes and custom content. You can manage it from the Customizer, in the Second layer section.

 

 

 

Newsletter

  • cover play_circle_filled

    RADIO MOST UŽIVO
    Радио Мост - сите сме различни, но делиме исти вредности

  • cover play_circle_filled

    RADIO MOST – MIX RADIO
    MIX RADIO MOST

  • play_circle_filled

    BLUES BRIDGE
    BLUES BRIDGE

play_arrow skip_previous skip_next volume_down
playlist_play