menu Home chevron_right
Radio Most-Радио МостНовости-Novosti

ХРОНИЧАРОТ НА ЕДНИ ПОУБАВИ МУЗИЧКИ ВРЕМИЊА Интервју со легендарниот Предраг Пеца Поповиќ

Radio Most | May 30, 2022

Предраг Пеца Поповиќ повозрасните го паметат како еден од најпознатите и највлијателни музички новинари на поранешна Југославија.

Тој е некогашен уредник на култните списанија „Џубокс“ и „Рок“, со кои растеа тинејџерите во Југославија.

Поповиќ, кој како музички новинар остави важен белег на регионалната сцена, како критичар и хроничар, во неколку наврати беше главен и одговорен уредник на влијателната дискографска куќа ПГП-РТС, како и уредник на музичкото радио 101 и на прва независна ТВ куќа – „ОК канал“.

Во негова режија се случија и два најголеми музички карвани во Југославија, кога во Загреб и во Скопје ги донесе најголемите регионални музички ѕвезди. На негова идеја за голем бесплатен концерт во Белград, Горан Бреговиќ и „Бијело дугме“ на 28 август 1977 година го одржаа антологискиот „Концерт код Хајдучке чесме“, настан кој и денес се смета за „југословенски Вудсток“.

Тој е активен и во осмата деценија од животот, па на македонската читателска публика им ја презентира последната збирка раскази – „Чуварот на бувјиот пазар“.

Промоцијата е закажана за в среда во 19.30 часот, во кафе-книжарница „Буква“ во Скопје, во организација на СПОНА – српскиот културно-информативен центар во Македонија.

Македонците ве паметат како еден од најпознатите новинари од музичката сцена на некогашна Југославија. Но, во последно време повеќе сте ангажиран како писател, па што можеме да очекуваме од вашата последна книга „Чуварот на бувјиот пазар“?

Збирката „Чуварот на бувјиот пазар“ е во релација се претходните книги или ако сакате попрецизно со целокупното мое пишување. Тоа значи изнесување и распакување на моето лично и нематеријално наследство, а без притоа да обрнам внимание на неговата евентуална вредност. На мене тоа ми значи, а имам впечаток и дека наиде на интерес кај претставниците на разни генерации на читатели. Би лажел доколку би кажал дека тоа не ме засега.

Вие бевте хроничар на некои од најпознатите музички групи и изведувачи од некогашната држава. Колку се разликуваат времињата и колку денес се разликува музичката сцена од порано?

Најлесно е да се каже дека тоа беше аналогна, а оваа сегашнава е дигитална сцена. Преведено, некогаш свиреа и пееја живи луѓе, а сега тоа можат да го направат компјутерите и постоечката технологија. Просто, некогаш им се воодушевуваме на музичарите, а денес го прифаќаме резултатот не знаејќи кој сè стои зад тоа. Некогаш важноста се мереше по бројот на изведени концерти, по тиражот и песните, а сега се мери по присутноста и популарноста на изведувачот во медиумите. По тие критериуми ми е тешко да просудувам. Мене и натаму ми е битна хуманата страна на музиката.

Дали е возможно да се очекува појава на нов бенд од типот на Рибља чорба, Бјиело дугме, Леб и сол или на некој нов Ѓорѓе Балашевиќ? Секако мислам на просторот на некогашната заедничка држава.

Видовте дека Констракта покажа како сè е возможно и денес. Една песна од три минути и едно видео од 12 минути (триптих) и целиот регион доби сериозно музичко достигнување, какво сме немале долг период. Освен талент, потребно е и знаење како да се претстави дарбата. Искрено верувам дека секоја нова генерација на публиката, заслужува да добие свои музички јунаци и ледери, кои ќе ги прифати и ќе ги заследи. Имињата кои ги наведовте во прашањето се наследство на 70-тите, значи пред пола век. Заслуживме музиката да ја мериме по музичарите и песните од 21 век.

Неколку пати претходно изјавувавте дека не прифативте да работите по секоја цена, па затоа вашите деца гладуваа. Дали сметате дека времето на непристојноста заврши и дека сега е подобро, споредбено со периодот од 90-тите?

Најважно е дека сега се живее помирно отколку во 90-тите. Размислувам, ако не можеме да живееме како браќа, барем да живееме како добри соседи. Тоа значи да се уважуваме и да ги толерираме мирисите, боите, звуците и буквите од соседството. Кога омразата не даде резултат, тогаш добрината нека ја овозможи иднината на нашите внуци. Некој мора да ја чува и да ја сочува целата балканска убавина во немирниот свет. Мислам дека ги потрошивме сите погрешни заноси, ред е да градиме мостови на разбирање. Тоа е обврска не само на политичарите, туку и на сите луѓе што на нашите народи им посакуваат просперитет.

Југославија не преживеа, ама културата и натаму не познава граници. Како денеска гледате на просторот, кој најчесто го ословуваат како регион?

Задачата на сите задачи е да се воспоставуваат и чуваат здрави културни врски. Се покажа како многу подолговечно тоа што беше засновано на културата, за разлика од тоа што беше засновано на политиката. Кога јас би се прашал, како стар хипик, сите пари одвоени за вооружување би го пренасочил во образование и во култура. Знам дека ќе биде поинаку. Поведро, пошарено и помилозвучно.

Извор: plusinfo.mk

Written by Radio Most

Comments

This post currently has no comments.

Leave a Reply






This area can contain widgets, menus, shortcodes and custom content. You can manage it from the Customizer, in the Second layer section.

 

 

 

Newsletter

  • cover play_circle_filled

    RADIO MOST UŽIVO
    RADIO MOST-SVI SMO RAZLIČITI ALI DIJELIMO ISTE VRIJEDNOSTI

  • cover play_circle_filled

    RADIO MOST – MIX RADIO
    MIX RADIO MOST

  • cover play_circle_filled

    BLUES BRIDGE
    BLUES BRIDGE

play_arrow skip_previous skip_next volume_down
playlist_play